Фудбалска сензација: 29-годишниот Карлос Куеста нов тренер на Парма

Италијанскиот фудбалски клуб Парма направи историски потег назначувајќи го 29-годишниот Карлос Куеста за нов главен тренер, откако досегашниот стратег Кристијан Киву замина на чело на Интер.

Младиот Шпанец со ова станува најмладиот тренер во историјата на Серија А и воедно најмладиот главен стратег во една од петте најсилни европски фудбалски лиги. Куеста потпиша двегодишен договор со Парма и најави дека е подготвен за предизвикот.

Тренерската кариера ја започнал уште на 19 години во академијата на Атлетико Мадрид, каде што бил асистент во тимот до 17 години. Потоа поминал две години во Јувентус како асистент кај младинците, а во последните пет години беше дел од стручниот штаб на Арсенал, каде што соработуваше со Микел Артета – човекот кој му помогнал да го изгради својот тренерски профил.

Интересен е податокот дека во сегашниот состав на Парма има дури пет играчи постари од Куеста. Најискусен меѓу нив е босанскиот интернационалец Милан Ѓуриќ, кој има 35 години.

Парма, позната по својата богата фудбалска историја, минатата сезона ја заврши на 16-то место и се надева дека со новата младешка енергија на кормилото ќе постигне значаен напредок во наредниот шампионат.