ФФМ изрече строги казни по инцидентот на натпреварот Брегалница-Шкупи

По извештаите и пријавата од Комисијата за млади категории, Првостепената дисциплинска комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрече строги казни по инцидентот што се случи на фудбалскиот натпревар меѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи.

​Најстрога казна доби играчот на ФК Шкупи, Абдуљи Леарт, кој е исклучен од фудбалската организација поради физички напад со сериозни последици.

​Други двајца играчи на Шкупи, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, добија тримесечна забрана за играње поради физички напад.

​Од тимот на Брегалница, играчот Гоцев Симеон доби забрана за играње на четири натпревари поради „груба игра и пречекорена самозаштита“.

​Одговорност на клубовите и официјалните лица

​ФК Шкупи 1927 е под дисциплинска постапка поради физички напад од родители и навивачи врз противничките играчи.

​ФК Брегалница 2008 е под дисциплинска постапка поради лоша организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.

​Дополнително, против координаторот на младите категории на Шкупи, Алејса Виши, се води постапка поради давање лажни информации. Тој ставил во системот на ФФМ лица кои не биле присутни на натпреварот.

​ФФМ нагласува дека овие постапки и санкции се однесуваат конкретно на екипите што го сториле прекршокот, со цел да се спречат вакви инциденти во иднина.