Халанд му донесе победа и нов рекорд на Гвардиола во Премиер лигата

​Фудбалерите на Манчестер Сити во седмото коло од Премиер лигата едвај го совладаа Брентфорд со минимални 1:0, благодарение на голот на Ерлинг Халанд. Оваа победа, покрај трите бода, му донесе нов тренерски рекорд во Премиер лигата на менаџерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола.

​Гвардиола стана тренерот кој најбрзо во историјата на Премиер лигата стигнал до 250 победи. За да го постигне овој резултат, на Гвардиола му беа потребни само 349 натпревари на клупата на Манчестер Сити.

​Со тоа, шпанскиот стратег го собори рекордот на легендарниот Алекс Фергусон, кому за истата бројка победи му беа потребни 404 натпревари. На поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер, му беа потребни 423 натпревари за да стигне до 250 победи.

​Гвардиола досега со Манчестер Сити освои шест титули во англискиот шампионат, една во Лигата на шампионите и уште девет трофеи во останатите англиски фудбалски натпреварувања.