Хамас негира дека се согласил да го положи оружјето според планот на Трамп

​Високиот функционер на палестинското милитантно движење Хамас, Махмуд Мардави, денеска категорично ги негираше медиумските извештаи кои тврдеа дека групата наводно се согласила да го положи оружјето, како што е предвидено во планот на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на конфликтот во Газа.

​Во соопштението на Хамас, објавено преку Телеграм, се наведува дека Мардави ги негирал „лажните тврдења“ на телевизијата Ал Хадат и другите медиуми во врска со напредокот на преговорите за прекин на огнот и ставот на движењето за прашањето за предавање на оружјето.

​Мардави додаде дека „овие изјави немаат основа и имаат за цел да ја дискредитираат позицијата на Хамас и да ја измамат јавноста“.

​Претходно, саудиските телевизиски канали Ал Арабија и Ал Хадат, повикувајќи се на свои извори, објавија дека Хамас ги информирал САД дека прифаќа да го положи оружјето. Документот на Трамп, кој наводно се состои од 20 точки, бара, меѓу другото, воспоставување привремена надворешна администрација во палестинската енклава и распоредување на меѓународни сили.

​Инаку, Хамас на 3 октомври им го достави на медијаторите својот одговор на предлогот, во кој изрази подготвеност да ги ослободи сите живи израелски заложници и да ги предаде телата на загинатите. Нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас треба да се одржи денеска во Египет.