Граничниот премин „Меџитлија“ денеска беше затворен повеќе од два часа поради пожар кој избувна во близина на границата меѓу Македонија и Грција, предизвикувајќи целосен застој на сообраќајот и голем метеж на преминот.
Стотина патници останаа заглавени во двете насоки, без јасна информација за тоа кога ќе продолжат. Сведочат дека биле приморани да чекаат во услови на високи температури, со мали деца и без можност за пристап до вода или тоалет.
„Во 2:15 часот го поминавме македонскиот пасошки премин, но рампата беше спуштена. По два часа чекање, во 4:15 часот, ни рекоа да се вратиме назад кон Грција. Од прво возило станавме последни во колоната“, раскажуваат патници за порталот Скопје1.
Иако повторно биле вратени назад на грчка страна, по околу половина час, околу 4:45, им било наредено повторно да се вратат на македонската страна, но и таму ги пречекала нова неизвесност.
„Им рековме дека веќе имаме печат од македонската пасошка контрола, дека сме со мало дете и побаравме да не пуштат преку најдесната лента. Но, ни рекоа дека мора повторно да чекаме“, велат патниците.
Надлежните служби засега немаат официјално соопштение за причините на затворањето ниту за координацијата меѓу граничните власти. Очекувањата се дека преминот „Меџитлија“ ќе функционира нормално во текот на вечерта, но инцидентот повторно ги отвора прашањата за ефикасноста и координацијата на граничните служби.