Хусеин Љатиф, сопственикот на популарниот фризерски салон „Попај“, ја изненади скопската јавност со објавувањето на својата кандидатура како носител на независната листа за Совет на Град Скопје на локалните избори во 2025 година. Ветувајќи правичност, транспарентност и вистинско застапување на волјата на народот, Љатиф влегува во трката со амбиција да ја претвори Градската администрација во услуга, а не во бирократија. Во ова ексклузивно интервју, тој ги открива своите црвени линии, конкретните чекори за борба против корупцијата и зошто хонорарот од Советот планира да го подели со граѓаните.
Азманоски: Јавноста ве познава како сопственик на фризерскиот салон ‘Попај’ – место кое бара директен контакт, доверба и услуга. Која е најважната лекција што ја научивте од директната работа со граѓаните на Скопје, а која ќе ја пренесете во Советот за да ја направите градската администрација поуслужна и поблиска до народот?
Љатиф: Берберниците се места каде се разговара искрено и се чувствува пулсот на народот. Кога некој ви ја предал своето лице во доверба, она што го зборува е искрено и вистинито. Секој ден во „Попај“ е лекција за човечност – не се работи само за фризура, туку луѓето сакаат да бидат слушнати, да знаат дека некој се грижи за нив. Разговорите за предизвиците со администрацијата, незадоволството од развојот на градот, доцнењата поради сообраќајниот метеж секој ден ми влеваше потреба нешто да се стори и работите да одат на подобро.
Градските власти и администрацијата мора да бидат служба на граѓаните, а не на бирократијата. Во Советот ќе се залагам за директна комуникација со граѓаните, за службеници кои ќе работат со насмевка, со емпатија и со решителност. Ќе предложам обуки за јавните службеници за подобра комуникација и ќе иницирам редовни средби со граѓаните во нивните населби. Граѓаните мора да имаат комуникација со своите избраници. Само така ќе изградиме градска администрација која е услужна, блиска и човечна.
Азманоски: Нагласивте дека ќе ги заштитите правата и вредностите на турската заедница, но истовремено ветувате побезбедно и поуредно Скопје за сите. Како ќе изгледа Вашето гласање во Советот кога на дневен ред ќе има одлуки каде интересите на една етничка заедница може да дојдат во судир со пошироките интереси за урбан развој или општ ред на градот?
Љатиф: Мојот идентитет е богатство – сум Турчин, но пред сè сум Скопјанец, сосед, пријател, граѓанин. Чаир, Радишани, Капиштец, Влае – тоа се моите маала. Градот е еден. Во Советот ќе гласам секогаш во интерес на сите граѓани. Да се потсетиме дека нашето скопско богатство е токму шареноликоста. Ако некоја одлука носи подобрување за градот, ќе ја поддржам. Но, никогаш нема да дозволам нечиј развој да значи нечија неправда. Ќе барам решенија кои се правични, инклузивни и балансирани. Скопје мора брзо да се развива, но со почит кон сите негови жители, без заборавени маала зашто таму била едната или другата заедница. Во тој дел односот меѓу Град Скопје и општините е многу значаен и Советот може да влијае на подобрување на тие релации за доброто на сите граѓани.
Азманоски: Ветувате транспарентност. Повеќето кандидати го прават тоа. Кој е Вашиот прв, конкретен чекор со кој би ја отвориле работата на Град Скопје? Дали би предложиле законска обврска за живо пренесување на седниците на комисиите, објавување на сите тендерски понуди веднаш, или нешто трето што досега не е направено?
Љатиф: Транспарентноста не е само збор таа има две стани- носителите на одлуки и оние во чие име одлуките се носат: граѓаните. Ќе предложам обврска за живо пренесување на сите седници, не само на Советот туку и на комисиите. Ќе барам објавување на сите тендери, договори и одлуки во рок од 24 часа на јавна платформа достапна за сите. Дополнително, ќе иницирам и ќе ги следам процесите на дигитализација. Мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да следат како се трошат нивните пари, да поставуваат прашања и да добиваат одговори, да се информираат за сè што им е потребно од кога ќе дојде автобусот, до кој културен настан го има денес. Градот мора да биде отворен, достапен и одговорен, а денешната технологија ни овозможува тоа да го имаме во рака. Да фатиме тек со новото време е многу важно.
Азманоски: Наместо да зборуваме за сообраќајот или загадувањето, што е најголемиот урбан или инфраструктурен проблем во Вашата непосредна околина (Вашата населба/општина) кој директно би го адресирале преку Советот, и кој е Вашиот непартиски, реален предлог за негово решавање?
Љатиф: Во мојата и многу скопски населби, секојдневниот живот е отежнат од недостиг на паркинг, оштетени улици и недоволна осветленост, нерасчистено ѓубре и смет. Тоа не се големи проекти, но се големи проблеми за секој жител. Наместо празни ветувања, мора целосно да се работи на менаџментот со јавните препријатија кои ги испорачуваат овие услуги. Едно од решенијата е јавен повик за локални мали фирми кои ќе учествуваат во јавните сервиси со јасни рокови, јавен надзор и транспарентно трошење. Граѓаните треба да гледаат кој и како работи. Урбанизам не е политика – тоа е одговорност.
Но, тука сакам да додадам нешто важно: читам дека советниците чинат околу 3.5 милиони евра годишно. И што направиле? Јас хонорарот ќе го поделам со граѓаните. Мене не ми треба, затоа што не сум политичар. Сакам тие пари да се вратат кај граѓаните. Ќе организирам активности за деца од загрозени семејства, ќе донирам на здруженија, ќе поддржам локални иницијативи на различни етнички заедници. За секоја седница хонорарот е околу 40.000 денари – 12 месеци, 4 години – тоа се средства што можат да направат вистинска промена. Враќањето во заедницата е поважно од заработувањето. Не барам глас за да бидам платен – јас со свои раце одамна го вадам лебот за себе и за други. Барам глас за да градиме поубаво Скопје.
Азманоски: Ќе бидете независен глас, но за да се реализираат проекти, потребна е соработка со градоначалникот. Под кои три конкретни услови би му дале апсолутна поддршка на идниот градоначалник на Скопје, без оглед на неговата партиска припадност, и кои се три црвени линии поради кои би гласале против секоја негова одлука?
Љатиф: Соработката со градоначалникот е неопходна, но мора да биде со принципи и во насока на надзор на неговото/нејзиното работење. Ќе дадам апсолутна поддршка ако:
1. Секој проект биде транспарентен и достапен за јавноста;
2. Средствата се трошат дома – за локални добавувачи, занаетчии и компании;
3. Секоја населба добие рамноправно внимание и инвестиции. Но, имам и црвени линии:
- Нулта толеранција за корупција и нетранспарентност;
- Ќе се спротивставам на секое непочитување на културните и јазичните права;
- Ќе работам против партизација на институциите. Мојата лојалност е кон граѓаните чија поддршка периодов многу ми значи.
Азманоски: Зборувате за зачувување на културата. Покрај традиционалните манифестации, што нудите за младите од сите заедници во Скопје? Каков е Вашиот план за промовирање на современата, мултикултурна уметност или за создавање на простори кои ќе ги задржат младите во градот?
Љатиф: Културата мора да биде живо ткиво на градот, не само традиција. За младите ќе предложам формирање на мултикултурни младински центри каде ќе се создава музика, театар, уметност – заедно, без граници. Ќе иницирам грантовите на град Скопје да се насочат и за уметнички проекти на млади од различни етнички групи, кои ќе работат заеднички. Секако, по транспарентен избор по конкретни критериуми со шанса за сите. Ќе иницирам и посети на најмладите во мешан етнички состав во Советот на градот Скопје за да учат за демократијата од мали нозе, а и низ прошетки по Чаршијата да си ги разменат, културите и обичаите. Градот треба да се грижи да растат заедно – како што растевме во соживот. Татко сум на три деца. Есра ќерка ми големата, Ерсин средниот син и Енсат најмалечкиот. Ги гледам сè помалку се дружат Турци, Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци… Тоа е навистина тажно и со задоволство посветено ќе работам да се смени оваа слика. Само така ќе ги задржиме младите во Скопје и ќе изградиме модерен, отворен град.
Азманоски: Како носител на листа, ќе се борите за независен мандат. Во Советот, сепак, потребни се коалиции за да се донесат одлуки. Дали веќе имате неформални контакти со други независни листи или со помали партии? Доколку бидете фактор во формирањето на мнозинството, кој е единствениот проект чие прифаќање би го поставиле како услов за Вашата поддршка?
Љатиф: Да, веќе имам разговори со неколку независни листи и мали групи. Верувам дека независните луѓе носат нова енергија, нова искреност. Ако бидам фактор во мнозинството, мојот услов ќе биде еден: создавање на локален фонд за мали бизниси и занаетчии – луѓе кои секојдневно го движат градот. Тој фонд ќе поддржува микро-проекти, ќе отвора работни места и ќе ја зајакне локалната економија. Без поддршка за овие луѓе, Скопје нема иднина.
Знам што значи да се бориш сам, да вработиш и да задржиш луѓе. Ќе се залагам Скопје да биде главен поддржувач на занаетчиите, нивните комори и сите што сакаат да ја градат иднината тука.
Луѓето што отвораат мали бизниси, за да можат да вработат други се животот на градот. Да ги задржиме сограѓаните, тука наместо чарето да си го бараат во странство.