Носителката на советничката листа за Град Скопје, Катерина Цаневска, на Денот на просветните работници, порача дека образованието е темелот врз кој се гради напреден град, а иднината на Скопје се создава преку училиштата, наставниците и младите.
„Скопје ја гради својата иднина преку училиштата, преку наставниците и преку младите кои секојдневно учат и создаваат“, изјави Цаневска.
Цаневска ја презентираше програмата „Образование и можности“, најавувајќи неколку приоритети, меѓу кои клучна е изградбата на нова гимназија во Општина Аеродром. Таа посочи дека Аеродром, со над 80.000 жители, нема ниту едно средно училиште од тој тип.
„Новата гимназија ќе биде современо, енергетски ефикасно и пристапно училиште, со спортска сала, социјални простори и услови за вистинско образование од 21. век“, рече Цаневска, нагласувајќи дека ова ќе биде значајна инвестиција за поддршка на младата популација.
Во првата фаза, програмата ќе се фокусира на:
- Реновирање и опремување на постојната училишна инфраструктура.
- Модернизација на наставните методи и воведување нови содржини.
- Поддршка на неформалното образование преку ревитализација на Планетариумот во МКЦ.
- Зголемување на поддршката за младинските иницијативи за 300%.
Во следната етапа, Цаневска најави воспоставување мрежа на младински центри во сите скопски општини и развивање партнерства меѓу училиштата и локалниот бизнис сектор за практична обука и кариерно насочување.
Долгорочната визија вклучува дигитална трансформација на наставата, изградба на нови училишта во брзорастечки населби и програма „Млад граѓанин“ за активно учество на младите во креирањето на градските политики.
„Кога вложуваме во училиштата, вложуваме во поконкурентна економија, во повисок квалитет на живот… Скопје што вложува во своите училишта и ученици – вложува во сопствената иднина“, заклучи Цаневска.