Цената на златото достигна рекордно високо ниво

Утрово цената на златото се зголеми за 0,22%, достигнувајќи рекордно високо ниво од 3.184 евра (3.755 долари) за унца.

​Во изминатите 12 месеци, цената на златото е зголемена за 42,8%, движејќи се од 2.150 евра до 3.184 евра за унца. Главна причина за ова зголемување се пазарните очекувања за понатамошно намалување на каматните стапки од страна на американските Федерални резерви (ФЕД).

​Минатата недела, ФЕД ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, по инсистирање на американскиот претседател Доналд Трамп. Пазарите очекуваат уште едно намалување на стапките на следните состаноци во октомври и декември.

​Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, објасни дека каматните стапки се намалени поради слабоста на пазарот на трудот. Сепак, тој предупреди дека инфлацијата е сѐ уште висока и се очекува дополнително да се зголеми поради воведувањето на царини.