Цензура во МИА? – Слободан Трендафилов обвинува за прекинат пренос на синдикалните изјави

Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи, јавно реагираше на, како што вели, загрижувачката одлука на Медиумската информативна агенција (МИА) да го прекине во живо преносот од изјавите на синдикатите по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет.

„До мене пристигнуваат загрижувачки пораки дека МИА, која во живо ги пренесуваше изјавите на синдикатите, го прекинала преносот, а потоа видеото било избришано и веќе не е достапно на нивниот официјален профил“, пишува Трендафилов.

Тој во објавата приклучил дел од видеото, за кое тврди дека било избришано, а најави дека целосната изјава на синдикатите ќе ја објави подоцна.

„Кој му нареди на раководството на МИА да цензурира, а патем заборави дека интернетот не работи по диктат?! Стасавте и да цензурирате?!“, прашува Трендафилов.

Од МИА засега нема официјален став по повод овие обвинувања. Случајот предизвикува реакции на социјалните мрежи, каде се поставува прашањето за слободата на медиумите и јавниот интерес во известувањето за синдикалните активности.