Цените на нафтата на глобалните пазари паднаа втора недела по ред, под влијание на стравувањата дека зголеменото производство на нафта од страна на ОПЕК+ следната година значително ќе ја надмине побарувачката.
Минатата недела, цената на барел нафта на лондонскиот пазар падна за 1,1%, на 65,85 долари, додека на американскиот пазар падот изнесуваше 1,7%, на 62,80 долари.
Според најновата прогноза на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), пазарот на нафта е на пат да забележи прекумерна понуда во 2025 година. Агенцијата очекува понудата да се зголеми за 2,5 милиони барели дневно, додека растот на глобалната побарувачка ќе изнесува само 680.000 барели дневно.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и податоците од САД, каде што залихите на сурова нафта се зголемени за 3,037 милиони барели во периодот до 8 август. Ова укажува на слаба побарувачка во најголемата светска економија.
Трговците будно ги следеа и шпекулациите околу средбата меѓу претседателите Трамп и Путин на Алјаска, со надеж дека ќе добијат јасна слика за иднината на протокот на руска нафта. Сепак, бидејќи од состанокот немаше конкретни резултати, цените на нафтата останаа стабилни во понеделникот наутро.