Општина Центар најавува незаборавен музички настан што ќе ги исполни скопските улици со симфониски звук и филмски емоции!
На 28 јуни (сабота), од 20:00 до 21:30 часот, на просторот Плочник – Градски Ѕид (Клуб на новинари), љубителите на музиката ќе уживаат во „Центарска симфонија“ – концерт на отворено што претставува уникатен спој на класичен звук, модерен бенд и безвременски филмски теми.
Специјален гостин ќе биде еден од најпознатите македонски вокали – Александар Тарабунов, а на сцената ќе настапат камерен оркестар и бенд кои ќе изведат симфониски адаптации на музика што ја обележала нашата култура и колективна меморија.
Проектот е дел од Годишната програма за култура на Општина Центар за 2025 година, и има за цел да донесе култура и уметност поблиску до граѓаните.
Влезот е бесплатен – понесете добро расположение и подгответе се за магична вечер во срцето на Скопје.
Ве очекуваме на „Центарска симфонија“ – таму каде што музиката станува емоција!