Центар интервенира со сопствена механизација: Герасимовски тврди дека „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлиле

​Актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, соопшти дека општината морала да интервенира со сопствени ресурси и механизација за да ја одржи хигиената. Тој ја обвини ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје дека повторно потфрлиле во собирањето и транспортирањето на сметот.

​Герасимовски истакна дека, иако тоа не е примарна надлежност на општината, тие интервенирале за да ја одржат хигиената на највисоко ниво.

​„И покрај тоа што ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлија во собирањето и транспортирањето на сметот, Општина Центар и овој пат интервенираше со сопствени ресурси за да ја одржиме хигиената на највисоко ниво“, напиша Герасимовски.

​Тој додаде дека заедно со хигиеничарите и целата механизација, сметот во Центар се чисти во две смени. Акцијата за чистење започнала во населбата Капиштец, а се најавува дека ќе продолжи и во другите населби во општината.