Црковен календар: Св. Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица

Денеска, на 22 септември, Македонската православна црква го празнува споменот на Свети Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица.

​Јоаким, потомок на царот Давид, и Ана, ќерка на свештеникот Матан, живееле во брак педесет години, но биле бездетни. И покрај нивното богатство, тие живееле богоугодно, делејќи една третина од своите приходи на сиромашните, а третина дарувајќи во храмот.

​Еден ден, кога Јоаким отишол да принесе жртва во храмот, првосвештеникот Исахар го укорил поради неговата бездетност, сметајќи го за недостоен. Овој настан многу ги растажил Јоаким и Ана, по што двајцата се посветиле на молитва, молејќи го Бога да им даде дете.

​Бог ја услишал нивната молитва и им испратил ангел кој им објавил дека ќе добијат ќерка, преку која ќе дојде спасението на светот. Ана зачнала и во деветтиот месец ја родила Пресвета Дева Марија.

​Свети Јоаким починал на 80 години, а Ана на 79 години, претставувајќи се пред Господа.