Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и до сите православни верници, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица.
Во честитката, таа нагласи дека празникот е силен потсетник за мајчинството, безусловната љубов и семејните вредности. Сиљановска-Давкова посака празничниот ден да биде исполнет со мир, хармонија, радост и среќа.
Претседателката посочи дека култот кон Богородица е сведоштво за непоколебливиот дух и вера на народот.
„Пресвета Богородица, како заштитничка на мајките и децата, има особено место во нашите храмови и домови, а најмногу, во нашите срца“, напиша Сиљановска-Давкова, додавајќи дека храмовите посветени на Богородица ги посетуваат и верници од други религии.
На крајот, таа порача дека очекува да се надмине духовната и морална криза и луѓето да им се вратат на вистинските човечки вредности.