Чулакоски: По победата на ВМРО-ДПМНЕ, сите забелешки граѓаните да ги упатат директно до новата власт во Битола

​Кандидатот за советник во Битола од иницијативата „Поинаку“, Иван Чулакоски, по изборните резултати се обрати до граѓаните, критикувајќи ги дека повторно дале тотална власт на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај проблемите со инфраструктурата, јавните претпријатија и корупцијата. Тој порача дека сега кога владејачката партија има градоначалник и мнозинство во Советот, нема да има изговори за „кочничари“.

​Чулакоски го цитираше „Стокхолмскиот синдром“ за да го опише, како што го нарече, тешко сфатливото зближување на гласачите со власта, иако, според него, не се решени проблемите како „дупките по улици, камионите што течат, ѓубрето, депониите, фушарските крпеници, заглавените јавни претпријатија, партиските вработувања, местените тендери и грабежот на Битола“.

​Нагласувајќи го својот резултат, тој посочи дека иницијативата „Поинаку“ е втора политичка сила во Битола, а Габриела Илиевска освои најмногу гласови по победничкиот кандидат. „Поинаку“ во новиот Совет на Општината ќе има четири советници.

​„Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство и градоначалник, односно тотална власт. Отсега сите проблеми и забелешки кои ги имате ќе ги упатите директно кон власта“, напиша Чулакоски.

​Тој додаде дека сега владејачката партија нема да има „кочничари“ и опструкции во Советот, со што ќе се види како ќе работат и дали ќе го средат градот. Чулакоски најави дека иницијативата ќе продолжи да ја следи работата на градоначалникот и на Советот и ќе делува како коректор.

​На крајот, тој им се заблагодари на сите гласачи кои ја поддржале нивната листа и порача дека продолжуваат „Поинаку“.