​Чупеска: Режимските практики на ДПМНЕ нема да поминат, началниците на Тошковски треба да одговараат пред правдата

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, денеска излезе со остра реакција на случувањата во Министерството за внатрешни работи (МВР) и го осуди, како што вели, „незаконското постапување“ на началникот на ОВР Демир Хисар. Таа смета дека ова е дел од „очајниот обид да инсталираат режим“ поради страв од сопствена неспособност.

​Чупеска повика на итна одговорност и побара Јавното обвинителство (ОЈО) да постапи согласно своите надлежности, бидејќи началникот очигледно ги пречекорил своите овластувања и злоупотребил службена положба.

​„На Власта сè уште не ѝ е јасно дека државата не е приватна сопственост. МВР не може и не смее да биде ставено во функција на личните потреби на дпмнеовски началници – со крајно компромитирачка историја“, изјави Чупеска.

​Таа нагласи дека СДСМ еднаш веќе срушила режим и дека нема да дозволи нов да биде инсталиран. Според неа, неспособноста не може да се покрие со режимски практики.