Докторот Зекирија Шаини, во кој беше пукано пред неколку дена во Куманово, денеска на прес-конференција ја отфрли каква било вмешаност на неговата сопруга во инцидентот, нагласувајќи дека ваквите тврдења се неосновани и нанесуваат штета на неговата фамилија.
Д-р Шаини на прес-конференцијата изјави дека целосно ги отфрла обвинувањата дека сопругата, Арјета Адили, има каква било поврзаност со вооружениот напад во кој беше повреден.
Неговата реакција следува откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово претходно денеска соопшти дека е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешната сопруга на оштетениот.
Иако пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, д-р Шаини нагласи дека тврдењата за нејзина вмешаност во самиот напад се неосновани.
Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија за расчистување на случајот, додека полицијата сѐ уште трага по лицето осомничено како директен извршител на нападот.