Кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од СДСМ, д-р Асен Шајн, на граѓанската трибина во Охрид, на која присуствуваше и лидерот Венко Филипче, порача дека е време за промени и дека Охрид ќе избере нов концепт, проекти и резултати.
Шајн ја критикуваше актуелната состојба, истакнувајќи дека граѓаните се разочарани бидејќи „многу се ветува, а ништо не се исполнува“.
„Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира… Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос“, истакна Шајн.
Кандидатот остро нагласи дека Охрид станал лична сопственост на градежни инвеститори, кои со амин на локалната власт приредиле страшна урбана девастација. Тој додаде дека ова загрозува природни и културни богатства.
Наместо да зборува за минатото, Шајн го претстави својот план за иднината:
- Ќе воведе нова димензија и нови еколошки практики.
- Уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, согласно препораките на УНЕСКО.
- Ќе се гради на одржливи темели, со грижа кон природата и историјата.
Шајн истакна дека инфраструктурата е негов приоритет и вети дека ќе води општина која нема да заборави никого.
„Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него!“ порача Шајн.
Тој вети подобри услови за учениците во модерни училници, згрижување на децата по сите стандарди и грижа за социјалните семејства, пензионерите и лицата со попреченост.
Шајн, кој рече дека не е човек со долго политичко минато, туку човек кој цел живот е меѓу луѓето, повика на поддршка на 19-ти октомври, ветувајќи чесна, домаќинска и човечка работа. „Време е да го вратиме Охрид, на охриѓани“, заклучи тој.