Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, порача дека централната власт мора да им помага на сите општини, без оглед на партиската припадност на градоначалникот, особено кога станува збор за животната средина, каде политичките интереси мора да бидат оставени настрана. Во интервју за ТВ21, таа нагласи дека соработката меѓу институциите е единствениот начин за решавање на еколошките предизвици.
„Јас мислам дека кога станува збор, пред сѐ, за животната средина, не треба да ги гледаме политичките интереси. Тие интереси конечно мора да излезат од Градот Скопје, а впрочем и од сите институции, ако навистина сакаме да имаме здрава животна средина,“ изјави Шукова.
Таа потсети дека за време на нејзиниот мандат како министер имала успешна соработка со сите градоначалници, без оглед на нивната политичка припадност, и дека таквиот пристап треба да биде модел за сите идни политичари.
„Локалните самоуправи сè уште зависат од поддршката на државата, но тоа не треба да се злоупотребува. Владата мора да помага на сите општини без разлика кој е градоначалник и од која политичка партија доаѓа,“ порача Шукова.
Кандидатката додаде дека успешното справување со предизвиците е можно само преку вистинска координација помеѓу централната и локалната власт, како и со активно вклучување на невладиниот сектор.
„Невладините организации имаат знаење, искуство и капацитет да помогнат. Кога сте отворени кон нив, добивате реална соработка и резултати,“ заклучи Шукова, нагласувајќи дека граѓаните очекуваат резултати постигнати преку транспарентност и меѓусебна доверба.