Шукова: Време е јавните претпријатија да им служат на граѓаните, а не на партиите

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, најави дека реформата на јавните претпријатија ќе биде нејзин врвен приоритет, со цел конечно да им служат на луѓето, а не на партиските интереси. Таа оцени дека Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично токму поради тоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособно раководство.

​„Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат несобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура,“ истакна Шукова од седиштето на СДСМ.

​Шукова најави спроведување на вистинска реформа во градската администрација, со конкретни мерки за модернизација на претпријатијата:

  • ​ЈСП: Модернизација со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и воспоставување брз автобуски транзит (БАС) за враќање на довербата во јавниот превоз.
  • ​Комунална хигиена: Ревитализација преку современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање отпад и конечно решавање на проблемот со Вардариште.
  • ​Паркови и зеленило: Започнување нова ера со засадување 10.000 дрвја и изградба на 15 нови паркови во 15 месеци, со редовно одржување на зеленилото.
  • ​Водовод: Насочување кон стабилно снабдување, модерна опрема и намалени загуби на вода.
  • ​ЈП Лајка: Развивање во вистински хуман систем за згрижување и грижа за уличните животни.

​Шукова порача дека „Време е институциите да му служат на граѓанинот, а не на партијата,“ со цел Скопје повторно да стане град кој работи и се грижи за своите жители.