Шукова: Дождот нема да го изгаси пожарот на Дрисла имам решение на проблемот со депонијата

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, изјави дека дождот не е доволен за да се изгаси пожарот на депонијата Дрисла и дека има конкретно решение за проблемот. Таа ја обвини актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ за несоодветен третман на отпадот, што е причина за честите пожари.

​Според Шукова, основниот проблем лежи во тоа што отпадот на депонијата не се третира правилно. Таа објасни дека соодветниот третман подразбира компактирање и покривање на отпадот со земја или глина, со што се истиснува кислородот и се спречува самозапалување. Таа нагласи дека во близина на Дрисла има глина која не се користи за оваа цел.

​Шукова додаде дека не се контролираат ниту гасовите кои можат да предизвикаат експлозии, а гасењето на пожарот со вода создава нов проблем – загадување на Маркова Река.

​„Наместо заштита на граѓаните и соодветни решенија, најлесно е да се обвини СДСМ. Еднаш видовме неуспешна концесија за Дрисла, сега нудат јавно приватно партнерство, од тоа само ВМРО-ДПМНЕ ќе има бизнис и личен профит, а жителите на Скопје и понатаму ќе се трујат“, рече Шукова.

​Кандидатката најави дека нејзиниот план вклучува воспоставување систем за отпад, кој предвидува намалување на количините преку селектирање и реупотреба, покрај соодветниот третман на депонијата.