Шукова: Жителите на Скопје дишеле олово и арсен, власта криела податоци

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ дека свесно го загрозила здравјето на граѓаните по пожарот во Трубарево, криејќи ги резултатите од мерењата на загаденоста на воздухот.

​Според неа, власта ги оставила граѓаните да се трујат, убедувајќи ги дека опасност нема.

​Шукова истакна дека дури по шест дена биле објавени резултати кои покажуваат дека концентрацијата на кадмиум била речиси 12 пати над дозволената граница, а над максимално дозволените вредности биле и арсенот и оловото.

​Според Шукова, оваа ситуација е доказ за неспособноста на власта, која не знае за превенција и заштита и се крие зад лаги. Таа нагласи дека мора да има одговорност и дека животот на граѓаните не смее да зависи од „лагите и калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ“.