Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за целосна трансформација на Зоолошката градина, ветувајќи дека таа ќе стане современ, едукативен и хуман простор.
„Зоолошката градина треба да биде многу повеќе од место за прошетка. Таа треба да биде простор каде децата учат за животните и природата, каде семејствата се чувствуваат безбедно и пријатно, а животните живеат во достоинствени услови“, изјави Шукова.
Таа ја критикуваше моменталната состојба на Зоолошката градина, истакнувајќи дека живеалиштата се дотраени, едукативната функција е недоволно развиена, а хигиената е на загрижувачко ниво.
Шукова најави неколку клучни проекти:
- Обнова и модернизација на живеалиштата според највисоки стандарди за благосостојба на животните.
- Изградба на Еко-центар, каде децата и младите ќе учат за природата и климатските промени.
- Засилување на зеленилото и инвестиции во чисти и одржливи извори на енергија.
Според Шукова, новата Зоолошка градина треба да биде пример за урбана средина која ги спојува едукацијата, екологијата, заштитата на животните и семејните вредности.