Шукова и Ацевски: Ѓорче Петров конечно ќе добие стабилно водоснабдување, приоритет број еден!

Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, заедно со кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, денес од терен јасно порачаа: „Решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Ѓорче е врвен приоритет!“

„Граѓаните се мачат со години – во делови од Ѓорче, водата тече капка по капка. Ова веќе не е проблем, ова е аларм“, изјави Ацевски. Тој најави дека со конкретен, готов проект ќе се стави крај на оваа мачна реалност.

Шукова потврди дека решението е подготвено и стручно потврдено:
„Проектот ‘Оризарски рид’ е веќе изготвен од Градежниот институт на Македонија, со позитивна ревизија од Водовод и канализација. Веднаш по преземањето на функцијата, овој проект влегува во реализација,“ истакна таа.

Проектот предвидува директен убод во главната водоводна линија со профил Фи 1600, изградба на модерна пумпна станица, нов резервоар, како и поставување на потисен и повратен цевковод – со вкупна вредност од околу 3 милиони евра.

„Ова е најголемата инвестиција во водоснабдување за Ѓорче Петров во последните децении. И најважно – конечно ќе донесе стабилен притисок и вода во секој дом“, нагласи Ацевски.

Двајцата кандидати порачаа дека досега проектот бил заглавен поради блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, но дека со новата локална власт конечно ќе се одблокираат решенијата што граѓаните ги чекаат со години.