Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја демантираше изјавата на нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, дека таа самата се понудила за директор на ЈП „Комунална хигиена“, доколку тој победи на изборите.
На директно новинарско прашање дали би прифатила понуда за директорска позиција, Шукова одговори дека не размислувала на таа тема.
„Не сум размислувала на таа тема, јас имам сега друга работна задача. Јас сум тука да победам, да им дадам на граѓаните можност да имаме убаво, современо, чисто и зелено Скопје“, изјави Шукова.
Претходно, Орце Ѓорѓиевски изјави дека секоја идеја од противкандидатите што ќе придонесе за поквалитетен живот ќе биде земена предвид.
Тој посочи дека Горан Марковски би можел да биде вклучен како дел од неговите советници. Во однос на Шукова, Ѓорѓиевски рече:
„Каја Шукова, мислам самата се понуди за директор на „Комунална хигиена“. Може ќе спроведеме постапка – интервју. Ако се покаже дека е најдобар кандидат можеби ќе биде поставена за директор.“