​Шукова: Пожарите на „Вардариште“ и „Дрисла“ се доказ за неодговорното управување на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, изјави дека пожарите на „Вардариште“ и депонијата „Дрисла“ се доказ за, како што рече, „неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот“. Таа ги обвини актуелните градски власти дека четири години немаат системско решение за управување со отпадот, додека здравјето на скопјани е секојдневно загрозено.

​„Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали, паркови на контаминирано земјиште за евтини партиски поени“, рече Шукова.

​Шукова го критикуваше противкандидатот Орце Ѓорѓиевски дека се крие и избегнува соочување со граѓаните. Таа го нарече неговиот проект „парк на Вардариште“ пример за „краткорочен популизам“, кој не го решава суштинскиот проблем.

​„Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши“, изјави таа.

​Шукова го претстави планот на СДСМ за решавање на проблемот со отпадот во Скопје:

  • ​Краткорочно: Итно оградување и заштита на просторот на „Вардариште“ и воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари.
  • ​Долгорочно: Изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од целосен систем за управување со отпад.

​На крајот, Шукова го повика Ѓорѓиевски на јавно соочување за да покажат кој има реална визија и план за решавање на овој проблем, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните мора да биде приоритет.