Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, денеска одржа прес-конференција пред депонијата Вардариште, нагласувајќи дека над 150.000 жители од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се гушат од загадување.
Шукова најави три итни мерки за запирање на еколошката катастрофа:
- 24-часовен надзор на депонијата.
- Целосно оградување на локацијата.
- Забрана за влез на сите лица, освен за вработените од „Комунална хигиена“.
Целта е да се спречи палењето на отпад и да се заштити здравјето на граѓаните.
Освен итните мерки, Шукова понуди и системско решение за справување со отпадот во пет чекори:
- Интервентна мерка: итно оградување и физичка контрола на Вардариште.
- Современ проект: изградба на нова претоварна станица и санација на контаминираната локација.
- Системско управување: воведување на целосен тек на отпадот, со задолжителна селекција.
- Обнова на механизацијата: целосна замена на амортизираната механизација.
- Постојана контрола: надзор и мониторинг за да се обезбедат највисоки еколошки стандарди.
Шукова остро го критикуваше противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, за неговото ветување дека Вардариште ќе го претвори во парк. Таа објасни дека такво нешто е невозможно поради неколку причини:
Во тек е арбитражна постапка во Париз за проектот „Скопски колектор“ кој минува низ локацијата.
Уште во 2017 година, со поддршка од ЕУ, е изработена документација која предвидува претоварна станица, а не парк.
Во моментов е во тек јавна набавка за целиот регионален систем за управување со отпад.
Според Шукова, ветувањето за парк е свесна манипулација или доказ за елементарно непознавање на проблематиката, додека нејзините предлози се вистински и системски одговор на проблемот.