Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, заедно со Андреј Жерновски, го посетија Скопското Кале, обвинувајќи ја актуелната власт за занемарување на најстариот симбол на градот.
Шукова нагласи дека Калето, кое со години е оставено „на милост и немилост“, треба да биде предмет на континуирана грижа, а не да се користи како депонија.
Кандидатката изрази неразбирање зошто градската власт имала време за проекти како „Скопје 2014“, но не покажала волја за ревитализација на Калето.
„Неразбирливо е како ДПМНЕ и Арсовска имаа време за кичот „Скопје 2014“, за стиропор и врби во Вардар или за враќање на Ќосето пред судот, но не најдоа волја за ревитализација и одржување на Калето“, рече Шукова.
Таа додаде дека како експерт за животна средина, гледа на Калето како на жива меморија, а не само како на туристичка дестинација.
Андреј Жерновски, пак, истакна дека Калето е „срцето на Скопје“ и дека треба да биде гордост, а не срам за градот.
Шукова вети дека заедно ќе се борат Скопје да стане град кој го претвора срамот во шанса, каде што секој јавен простор има смисла, вредност и живот.