Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на прес-конференција ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ за негрижа кон граѓаните поради постојаното горење на дивата депонија Вардариште. Според неа, Вардариште е „еколошка бомба“ која ги труе над 150.000 жители од Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, како и целиот град.
„Покрај сите наши предупредувања, апели за итна институционална реакција и нудење конкретно решение… власта на ВМРО-ДПМНЕ бесрамно молчи и ништо не презема!“, изјави Шукова. Таа додаде дека најголеми виновници за загаденото Скопје се Христијан Мицкоски, Орце Ѓорѓиевски и Данела Арсовска.
СДСМ нуди конкретно решение за проблемот со Вардариште, кое вклучува:
- Итно оградување и заштита на просторот со пристап само за комунална хигиена.
- 24-часовно физичко обезбедување за да се спречи палење на отпадот.
- На подолг рок, изградба на нова претоварна станица по европски стандарди и воведување систем за управување со отпадот.
Шукова најави дека преку советничката група на СДСМ, ќе се бара итно свикување на седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот, бидејќи Советот, каде ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство, исто така молчи.