Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, изјави дека Скопје е во водна криза, која го нарушува основното човеково право на пристап до вода. Таа посочи дека населби како Ѓорче Петров, Гази Баба и Автокоманда со месеци се соочуваат со недостиг на вода, особено во летните месеци.
Според Шукова, иако нема формални рестрикции, системот работи со намален притисок поради дотраена водоводна мрежа, огромни загуби на вода, диви приклучоци и недостаток на инвестиции.
Проблеми со водоснабдувањето
„Над 30% од водата се губи низ распукани и несанирани цевки, а вкупните загуби достигнуваат и до 50%. Изворот Рашче работи на граница на капацитет, а градот нема ниту стратегија, ниту решение на повидок“, изјави Шукова.
Предложени решенија
Како нејзин приоритет, Шукова најави сигурно и стабилно водоснабдување со следниве конкретни мерки:
Итна санација на водоводната мрежа.
Изградба на современ систем за собирање и пречистување на отпадни води.
Намалување на загубите на вода.
Искористување на дождовницата.
Воведување нови технологии за водни пумпни станици и резервоари.
„Скопје мора да има стратегија и мора да има вода – подеднакво за сите“, порача Шукова.