Шукова: Чаршијата е задушена од нечистотија и хаос, ветувам Центар за управување под надлежност на Град Скопје

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска ја претстави својата визија за Старата скопска чаршија, која, како што рече, е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа. Шукова вети дека има јасен план за да им ја врати Чаршијата на скопјани како живо срце на градот.

​„Чаршијата е душата на Скопје, но е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа. Нашиот план е јасен, визијата е да им ја вратиме Чаршијата на скопјани. Имам решение: секојдневно чистење, нова урбана опрема, јавно осветлување и ви-фи зони, со почит кон автентичниот изглед,“ изјави Шукова од пред споменикот на Скендербег.

​Шукова најави дека нејзиниот главен приоритет ќе биде крај на лавиринтите меѓу институциите.

​„Нашата цел е Чаршијата конечно да добие Центар за управување под целосна надлежност на Град Скопје. Без лавиринти меѓу институции, туку ефикасна, брза и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму,“ истакна таа.

​Доколку ја добие довербата, Шукова вети и директна поддршка за дуќанџиите и занаетчиите:

​Буџетски средства за реконструкција на дуќани.

​Правна и финансиска помош.

​Отворање школи на занаетчии и мајсторски работилници.

​Култура, туризам и европски рути

​Кандидатката на СДСМ најави и поддршка за културата и туризмот, што ќе ја заживеат Чаршијата:

​Реновирање на Сули ан.

​Поддршка за студентите по ликовна уметност, отворање арт атељеа и културни програми.

​Развивање дигитална платформа за туристи, јазични обележја и подобрена пешачка инфраструктура.

​Вклучување на Чаршијата во европски културни рути.

​„Ова не е уште едно ветување. Ова е визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Град Скопје, бидејќи ние се бориме за нашиот дом,“ заклучи Шукова.