Ѓокереш руши рекорди пред дебито

Новиот напаѓач на Арсенал, Виктор Ѓокереш, сè уште не го одиграл својот прв натпревар за клубот, а веќе го собори првиот рекорд – неговиот дрес со број 14 стана најпродаван во историјата на “топџиите”.

Швеѓанецот пристигна од португалскиот Спортинг за 63,5 милиони евра, а интересот за него експлодира веднаш по објавата на промотивната акција: бесплатно печатење на неговото име на сите нови дресови – услуга што обично чини 16 фунти. Како резултат на огромниот интерес, официјалната веб-страница на Арсенал накратко се сруши поради преголема посетеност.

Бројот 14 што Ѓокереш ќе го носи има посебно значење – тоа е легендарниот број на Тиери Анри, најдобриот стрелец во историјата на Арсенал. Иако шведскиот напаѓач преферира да игра со број 9, тој веќе му припаѓа на Габриел Жесус.

По долг период на потрага по класичен голгетер, Арсенал со Ѓокереш добива нова напаѓачка сила, а навивачите нова надеж. Продажбата на неговиот дрес веќе ги надмина оние на популарните играчи како Сака, Деклан Рајс и Мартин Одегард.

Тренерот Микел Артета изјави дека целиот клуб е „многу возбуден“ од новото засилување, а Ѓокереш беше дочекан со овации од фановите за време на подготовките во Сингапур. Следната дестинација му е Хонгконг, каде Арсенал на 31 јули ќе се соочи со лутиот ривал Тотенхем.