Новак Ѓоковиќ успешно го започна својот настап на Мастерс турнирот во Шангај, откако во второто коло го совлада Марин Чилиќ со 7:6 (7:2), 6:4. Мечот, кој траеше еден час и 54 минути, влезе во историјата на Мастерс серијата како „најстариот“ досега, бидејќи двајцата тенисери заедно имаат 75 години и 139 дена.
Првиот сет беше неизвесен и се реши во тај-брејк. Во текот на сетот, Ѓоковиќ не успеа да дојде до ниту една брејк топка, додека Чилиќ пропушти две шанси за брејк во 11-тиот гем. Сепак, во тај-брејкот српскиот тенисер покажа поголема сигурност и го освои со убедливи 7:2.
Добрата игра од финишот на првиот сет, Ѓоковиќ ја пренесе во вториот. Во третиот гем успеа да направи брејк, што беше пресудно за исходот. До крајот на мечот, тој беше сигурен на свој сервис, со што го победи Чилиќ по 20-ти пат во нивниот 22-ри меѓусебен дуел.
Во третото коло, Новак Ѓоковиќ ќе се сретне со Ханфман, кој претходно го елиминира Френсис Тијафо со 6:7 (9:11), 6:2, 6:1.