Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, кој се подготвува за УС Опен, во разговор за српските медиуми се осврна на актуелната состојба во Србија. Ѓоковиќ изрази загриженост поради политичката ситуација, велејќи дека луѓето во земјата „најмалку им е до спорт“.
„Состојбата во земјата генерално е таква што на луѓето најмалку им е до спорт… Се случуваат многу работи, голема е транзицијата и на народот и на државата… Сè многу ескалираше, буквално сме на граница на граѓанска војна. Се надевам дека ситуацијата ќе се смири, но засега нема навестување за тоа“, рече Ѓоковиќ.
Преместување на турнирот од Белград во Атина
Ѓоковиќ го спомена политичкиот контекст и во врска со преместувањето на тенискиот турнир од Белград во Атина.
„Сè што можам да кажам е дека ние не сакавме да го селиме турнирот, тоа е сè. За жал, така е, како што е“, изјави тој.
Сепак, Ѓоковиќ изрази надеж дека турнирот еден ден ќе се врати во Србија, можеби дури и во повисока категорија. Тој истакна дека неговиот брат Ѓорѓе, кој го води турнирот, бил принуден да го премести. Ѓоковиќ на крајот заклучи дека Србија станала „вистинска тениска земја“ благодарение на успесите на своите тенисери.