Поранешниот претседател на Република Македонија (2009-2019), д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, кој се одржа во Астана, Казахстан.
Иванов се обрати на панелот посветен на „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“. Во своето излагање, тој истакна дека новите технологии носат и можности и предизвици.
„Вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, порача Иванов.
Тој ги повика духовните водачи да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности.
Иванов нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да се жртвуваат за иновации. Тој повика на соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите за градење на етичка дигитална иднина.
Потсетувајќи на македонската традиција на верска толеранција, тој порача дека технологијата треба да ни помогне подобро да се откриеме себеси, а не да нè оддалечува од тоа кои сме.
На овој настан учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји, вклучувајќи ги највисоките духовни водачи и претставници на меѓународни организации.
За време на конгресот, претседателот Иванов оствари повеќе средби, на кои разговараше за унапредување на дијалогот и градење мостови на доверба, истакнувајќи ја важноста на Македонија како пример за меѓурелигиско и меѓуетничко почитување.