Визуелниот идентитет на овогодинешното издание на Скопскиот џез фестивал ќе биде постер изработен од уметникот Ѓорѓе Јовановиќ. Како што самиот објави на социјалните мрежи, тој има повеќедецениска лична поврзаност со фестивалот.
Јовановиќ раскажа дека почнал да оди на концертите на фестивалот уште како средношколец во 1996 година и дека тоа длабоко го обликувало неговиот музички вкус и светоглед. Тој изрази голема чест и благодарност до Оливер Белопета и неговиот тим за поканата да го изработи постерот за годинешното издание. Фестивалот ќе се одржи во октомври.
Скопскиот џез фестивал, кој се одржува од 1982 година, е македонски бренд со бројни меѓународни награди, вклучувајќи и „Гранд при“ од Кан. Фестивалот е препознатлив по својот визуелен идентитет, кој се гради преку плакати, видео клипови, монографии и календари. Во 2021 година, 24 од најдобрите постери во историјата на фестивалот беа изложени во МКЦ.