Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, најави дека негов приоритет ќе биде завршувањето на клучката кај Момин Поток, што е клучно за решавање на проблемите со пристапот до индустриската зона Визбегово.
Ова беше истакнато по конструктивната средба со претставници од бизнис-секторот во Индустриската зона Визбегово, на која присуствуваа и вицепремиерот Изет Меџити и градоначалникот Дарко Костовски.
Ѓорѓиевски нагласи дека стопанствениците посочиле оти досега наидувале на „затворени врати и недостиг на комуникација“ од Градот Скопје, проблем кој, според него, ќе биде минато.
Како најголем предизвик, бизнисмените го истакнале пристапот до зоната Визбегово, кој бара итна и сериозна интервенција.
„Затоа, завршувањето на клучката кај Момин Поток ќе биде еден од моите приоритети,“ најави Ѓорѓиевски.
Тој заклучи дека Визбегово е зона со огромен потенцијал која нуди можности за развој на мали, средни и големи бизниси. Компаниите, според Ѓорѓиевски, заслужуваат еднаков пристап, фер третман и вистинско партнерство со институциите, ветувајќи нов, отворен и искрен дијалог меѓу градот и стопанството.