Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, објави дека со својот тим направил увид на неколку клучни локации кои ќе бидат приоритет во првите месеци од неговиот мандат.
Тој најави неколку проекти за подобрување на сообраќајната инфраструктура, урбанизмот и културата во градот:
- Завршување на клучката кај Момин Поток.
- Изградба на кружен тек на улицата „Бутелска“.
- Нов парк кај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел.
- Поставување летни сцени на скопското Кале и Аквадуктот.
- Изградба на првата фаза од булеварот „Хрватска“.
Ѓорѓиевски вети дека со овие проекти Скопје ќе добие „вистински сообраќајни решенија“ што ќе ја олеснат циркулацијата и ќе го направат градот пофункционален. Тој истакна дека ќе се градат нови паркови и зелени површини, а културата ќе се подигне на „високо ниво“.
„Ќе понудиме решенија за Скопје кое ќе функционира, а не празна реторика“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека градот наскоро ќе добие нов лик, каков што заслужуваат неговите граѓани.