Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, објави дека добил силна поддршка за вториот изборен круг од Коалицијата ВРЕДИ. Поддршката доаѓа по средбата што ја остварил со новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и со кандидатот за градоначалник на Скопје од ВРЕДИ, Башким Бакиу.
Ѓорѓиевски на својот профил ја објави средбата под наслов „Подадена рака!“ и истакна дека од Меџити и Бакиу добил „искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје“, што, според него, дава дополнителна енергија и мотив да продолжи напред.
„Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него“, порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Со оваа поддршка, Ѓорѓиевски смета дека победата во вториот круг, кој ќе се одржи на 2 ноември, ќе биде историска.