Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва ја испрати традиционалната коњаница во чест на големиот празник Илинден. Настанот се одржа пред црквата „Св. Петар и Павле“ во населбата Лисиче, од каде секоја година од 1978 година коњаниците тргнуваат во чест на Илинден.
„А традицијата… таа е нашиот корен. Нашиот идентитет. Запишана во нашиот генетски код, таа нè обединува, нè зацврстува и нè води низ бурите на историјата“, порача Ѓорѓиевски.
Тој подвлече дека ќе продолжи да го негува идеалот на Илинденците и нивната борба, бидејќи нивната жртва е темел на македонската државност.
„Македонија ќе живее! Ќе живее преку обединетиот и достоинствен македонски народ! Нема таква сила што може да го сруши она што е создадено со љубов, со пот и со крв“, истакна Ѓорѓиевски.
Со силна порака за единство и продолжување на традицијата, коњаницата симболично ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на македонскиот народ.