Независниот кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, Ѓорѓија Игески, денеска го честиташе 11 Октомври – Денот на народното востание, истакнувајќи ја историската улога на градот како искра на слободата и отпорот.
Игески нагласи дека празникот е повеќе од само датум, тој е „симбол на храброста, на решителноста и на нескротливиот дух на нашиот народ“.
„Денес, на 11 Октомври, со гордост го славиме Денот на народното востание, денот кога токму од Прилеп тргна искрата на слободата и на отпорот за самостојна и суверена Македонија,“ порача Игески.
Кандидатот повика на инспирација од духот на востанието во денешната борба за подобар град.
„Тој е потсетник дека кога сме обединети и цврсто решени, можеме да ги надминеме сите предизвици и да ги оствариме нашите најголеми идеали. Денес, кога се бориме за подобар Прилеп, црпиме инспирација токму од тој дух на востание – дух на отпор против неправдата и борба за подобра иднина,“ рече тој.
Игески упати повик до граѓаните достоинствено да го прослават празникот, да им оддадат почит на борците за слобода и да продолжат да градат „чесен, чист и напреден град“.