Јавен обвинител бара притвор за татко кој нападнал деца на фудбалски натпревар во Штип

Основното јавно обвинителство Штип денеска поведе итна постапка против едно лице за кривично дело „насилство“. Осомничениот на 24 август извршил грубо насилство на стадионот „Бело Брдо“ за време на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи.

​Инцидентот се случил во 89-тата минута од натпреварот. Откако синот на осомничениот, играч на Шкупи, бил исклучен од игра, тој се однесувал неспортски и се обидел физички да се пресмета со противнички фудбалер. Во тој момент, неговиот татко влегол на теренот и со тупаници и клоци нападнал две деца, играчи на тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, вклучително и скршеница на нос.

​Настанот предизвикал чувство на несигурност и страв кај присутната публика и во јавноста. Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сериозноста на делото, опасноста од бегство и можноста за повторување на насилството.