Јакимовски: Карпош е лидер во зелена енергија, сите 10 основни училишта добија фотоволтаици

Актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Карпош од коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски, објави дека во сите 10 основни училишта во општината веќе се поставени фотоволтаични панели, позиционирајќи го Карпош како лидер во зелена енергија и одржлив развој. Јакимовски нагласи дека ова е „вистинска работа, визија и енергија што носи резултати“, а не само „шминка“.

​Со оваа инвестиција, училиштата веќе ги намалија своите сметки за електрична енергија, а следниот чекор е тие да станат производители и продавачи на струја.

​Јакимовски ја објасни амбициозната цел:

​„Нашата цел е едноставна – училиштата да произведуваат повеќе струја отколку што трошат, да ја враќаат назад во системот и да станат мали енергетски центри со голема општествена улога,“ изјави градоначалникот.

​Со оваа трансформација, Карпош ќе биде првата општина во Македонија што целосно ќе функционира на принципи на енергетска ефикасност и зелена трансформација. Јакимовски нагласи дека учениците ќе учат од жив пример дека иднината е зелена, а училиштата ќе станат симбол на одговорност и иновација.

​„Додека некои велат дека ќе поставуваат панели, ние веќе ги имаме. И не само тоа – сега ги надградуваме и ги претвораме во генератори на енергија. Карпош не чека наредби. Карпош мисли, работи и произведува – зелена енергија, чиста совест, силен Карпош,“ порача Јакимовски.