Јакимовски огорчен: Карпош не е она што треба да биде

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, јавно изрази незадоволство од моменталната состојба со хигиената и општата слика во општината, посочувајќи дека е длабоко засрамен од изгледот на Карпош.

„Ќе бидам искрен – срам ми е како изгледа Карпош овие денови“, напиша Јакимовски на своите социјални мрежи, коментирајќи ја сликата на преполни контејнери, запуштени јавни површини и несоодветна хигиена што секојдневно ја гледаат граѓаните.

Тој нагласи дека најмногу го боли неправдата кон оние кои чесно ги подмируваат обврските кон општината, а за возврат добиваат услови кои не одговараат на живот достоен за современа урбана средина. Јакимовски појасни дека дел од проблемите произлегуваат од надлежности кои се надвор од рацете на локалната власт.

„Не ми е лесно ни мене како градоначалник да гледам дека надвор од мојата надлежност, некој не си ја врши работата – а граѓаните страдаат. И не е тоа изговор – туку чувство на немоќ и горчина што не можам сам да го решам она што е системски проблем“, посочи тој.

Градоначалникот порача дека Карпош не смее да изгледа вака и дека жителите заслужуваат повеќе – чиста животна средина, одговорни институции и услови што ќе донесат достоинствено секојдневие за сите.