Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, објави дека во населбата Влае започнала замена на една од најстарите водоводни линии во општината, поставена уште во шеесеттите години. Според Јакимовски, оваа интервенција е сериозна инвестиција во сигурноста и квалитетот на животот на жителите.
„Во Влае се заменува една од најстарите водоводни линии, поставена уште во шеесеттите години. Цевки што со децении минуваа под куќи и дворови, сега се заменуваат со нова, безбедна и трајна водоводна мрежа,“ истакна Јакимовски.
Тој нагласи дека проектот е многу повеќе од обична интервенција, туку претставува инвестиција во секој дом, со што се елиминира ризикот од пукнати цевки и поплави.
„Наместо ризик од пукнати цевки и поплави, Влае добива сигурно и стабилно водоснабдување, какво што заслужува. Работиме по план, прецизно и без задоцнување,“ рече Јакимовски.
Кандидатот заклучи дека Карпош не се гради само над земја, туку и под неа, со вистински инфраструктурни решенија што траат. Тој им честиташе на мајсторите и инженерите кои ја спроведуваат инвестицијата „без врева, без политика, со многу работа и посветеност“.