Грчкиот кошаркарски тренер Јанис Сферопулос (58) повеќе нема да биде тренер на Црвена звезда. Клубот реши да ја раскине соработката по очајниот старт на сезоната, обележан со два порази во Евролигата и шокантниот домашен пораз од Задар (79:85) во првото коло од АБА лигата.
Сферопулос ќе го води тимот уште на само еден натпревар од Евролигата, и тоа против Фенербахче во петок, по што дефинитивно заминува.
Според српските медиуми, главни фаворити за негов наследник се поранешните тренери на клубот, Дејан Радоњиќ и Саша Обрадовиќ.
Црвена звезда инвестираше околу 20 милиони евра во тимот за оваа сезона со цел да доминира во регионот и да направи пробив во Евролигата. Сепак, лошиот старт предизвика силна реакција кај навивачите, кои по поразот од Задар побараа оставка од тренерот.
Сферопулос, кој претходно ги водеше Олимпијакос и Макаби Тел Авив, во Звезда дојде пред две години. За тоа време, со клубот освои едно регионално и едно српско првенство, како и два национални купа.