Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, јавно го повика пејачот Спасен Силјаноски да дојде во Општината и да одговори на критиките што ги упати кон музичката програма на манифестацијата Тиквешки гроздобер.
Јанчев нагласи дека манифестацијата прерасна во балкански настан, посетен од десетици илјади гости од целиот регион.
Во својата реакција преку порталот Викимедиа, Јанчев го праша Силјаноски:
Во кој дел од програмата би се вклопил и колку публика би донел во градот?
Дали може да гарантира дека ќе донесе барем една петина од 50.000 посетители, колку што се очекуваат за време на настапот на Марија Шерифовиќ?
Градоначалникот потенцира дека настанот има и огромен економски аспект, бидејќи големите музички ѕвезди привлекуваат поголем број гости, со што се зголемуваат економските придобивки за локалното население.
Јанчев истакна дека сите локални музичари секогаш биле и ќе бидат максимално почитувани од општината, и дека тие настапуваат на помалите сцени на манифестацијата.
На крајот, Јанчев го повика Силјаноски да престане со „евтини, наводно патриотски приказни“, изјавувајќи дека е недостојно да се потценуваат ѕвездите кои привлекуваат илјадници луѓе.