Македонија сè повеќе се оддалечува од членството во Европската Унија, оцени денеска потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во изјава за бугарските медиуми. Според неа, најновите случувања во Европскиот парламент се „скандалозни“ и претседателот на Парламентот мора сериозно да го разгледа писмото на 17 бугарски европратеници.
Во писмото се тврди дека известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, бил под влијание на македонска страна за да го занемари, како што велат, „насилството врз Бугарите“ во земјава.
„Потребна е истрага. Ако тврдењата се докажат, мора да има последици. Сепак, стравувам дека веќе е нарушена довербата во извештаите, а Вајц треба да биде сменет“, изјави Јотова.
Таа тврди дека земјава испраќа погрешни сигнали кон Брисел – од неказнет говор на омраза, до, како што рече, „крадење на бугарската историја и историски факти“.
Во меѓувреме, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), на предлог на Вајц, го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година, кој првично требаше да се разгледува на 4 јуни. Новиот термин е закажан за 24 јуни.
И покрај одложувањето, Вајц застана цврсто зад документот, нагласувајќи дека сите политички групи во ЕП биле вклучени во преговорите и компромисите.
Во нацрт-извештајот се повикува на забрзување на преговорите, усвојување на уставните измени и продолжување на усогласувањето со ЕУ-политиките. Посебно значајно, извештајот содржи јасни референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет.