Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска остро реагираше по повод физичкиот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа преку објава на социјалните мрежи испрати сериозна порака до институциите, нагласувајќи дека во правна држава не смее да има простор за селективен пристап кон насилството, особено кога тоа е насочено кон избрани службени лица.
„Напад на градоначалник е напад на службено лице. Нема тука ‘ама’. Нека проба некој на припадник на МВР да му се пушти онака блиску во негов телесен простор – ќе биде приведен за две и пол минути,“ пишува Јошевска Анастасовска, критикувајќи го двојниот аршин на институциите.
Таа го посочи и однесувањето на министерот за внатрешни работи, кој наместо јасна осуда, испратил политички пораки со кои, според неа, се релативизира насилството. „Кога првиот човек на МВР зборува за ‘мотиви’ и ‘будење од зимски сон’, јасно е каква е атмосферата и кај пониските полициски структури.“
Јошевска Анастасовска укажа дека постапка во Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди може да се покрене и по службена должност, а не само по формална пријава:
„Да земеш изјава по отворена постапка не е исто што и ‘дојди да пуштиш пријава’. Тонот со кој институцијата пристапува говори многу.“
Според неа, овој случај ја огледува подлабоката криза на институционалниот систем:
„Губитници сме сите, како и да заврши оваа битка. Во најдобар случај ќе страда довербата и културата на институциите, а во најлош – ќе се поттикне неказнивоста и насилието.“
Во завршницата на својата реакција, адвокатката истакнува дека во држава каде што граѓаните се приморани да поддржуваат крајни и несоодветни постапки, само за да се привлече внимание кон очигледен криминал, се губи вистинскиот фокус:
„Тажна е државата што повеќе се занимава со тоа зошто некој пријавува криминал, отколку со самото дело што е пријавено.“
Реакцијата на Јошевска Анастасовска наиде на широк одек, отворајќи наново прашања за професионалноста на институциите, безбедноста на јавните функционери и основните стандарди на владеење на правото.