„Јужно копје“: САД започнаа нова воена операција против наркотерористите

Американскиот министер за војна, Пит Хегсет, го најави почетокот на операцијата „Јужно копје“ (Southern Spear), чија цел, како што рече, ќе бидат „наркотерористите“ и заштита на САД од дрогата што ги убива луѓето. Оваа најава доаѓа во услови на растечки тензии меѓу Вашингтон и Венецуела.

​„Претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди акција, а Министерството за војна ја спроведува. Денеска ја објавувам операцијата „Јужно копје““, напиша Хегсет на социјалната мрежа X.

​Според медиумите, не е прецизирано дали станува збор за тековни американски операции или за нова, проширена мисија. Сепак, „Си-би-ес њуз“ (CBS News), повикувајќи се на извори од Белата куќа, пишува дека се работи за нови напади врз бродови што транспортираат дрога.

​Високи американски воени претставници, вклучувајќи ги министерот Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, Ден Кејн, го информирале Трамп за ажурираните опции за потенцијални операции во Венецуела, вклучително и копнени напади, но конечна одлука не е донесена.

​Ова се случува откако носачот на авиони „УСС Џералд Форд“ влезе во зоната на одговорност на Јужната команда на САД (главната борбена единица за операции во Карибите и Јужна Америка), придружувајќи се на флотилата од разурнувачи и средства за специјални операции што веќе се наоѓаат во регионот.

​Во изминатите два месеци, американската војска изврши рација во најмалку 20 бродови за кои тврди дека транспортирале дрога од Јужна Америка, при што беа убиени најмалку 80 наводни шверцери.